Добродојдовте...

Проектот „Локалната самоуправа во твојата заедница” претставува поддршка на граѓанското образование во изучување на локалната самоуправа и развивање на вештини и самодоверба кај младите за активно вклучување во збиднувањата во демократското општество. Во реализација на проектот се користат две методологии: учење преку интернет и учење преку заедница. Материјалите потребни за подготовка на сите теми на проектот учениците можат да ги најдат на web сајтот на проектот. Наместо класичните предавања учениците ќе користат две алатки на интернет: форум и чет. Форумот на проектот е значајно место каде учениците и едукаторите ќе можат да разменуваат мислења и искуства од работата на терен. Работата на секоја тема започнува со порака која едукаторот ја праќа на форум, а потоа дава објаснувања поврзани со материјалот за изучување на таа тема. Потоа им задава задачи на учениците и временски рок во кој тие треба да се завршат. Основна цел на задачите е учениците да се подготват за истражување во локалната заедница. За истражување на темите од локалната заедница учениците ќе подготвуваат акциони планови чие исполнување би требало да ги донесе до посакуваните резултати. Во процесот на истражување учениците ќе имаат пристап до информации од различни извори, ќе интервјуираат одговорни лица од локалната самоуправа, ќе го разберат процесот на донесување на одлуки, ќе ги анализираат и синтетизираат податоците и ќе стекнат знаење и вештини како да ги презентираат разуктатите од своите истражувања. Додека трае истражувањето едукаторите и учениците дискутираат на форум и се среќаваат на чет сесии за да дискутираат за напредокот во извршување на задачата. Менторската работа на едукаторите се одвива преку интернет: на чет консултациите и форумот.  Резултатите од извршената задача зависно од природата на задачата можат да имаат различна форма: есеј, извештај од истражување, резултати од спроведена анкета и слично. Откако ќе се обработат сите предвидени теми, учениците ги подготвуваат крајните резултати од завршените задачи за изработка на електронски информатор.