.      

     
 

Национални паркови

 
   
   
   
   
   
   
   
   
   
 

 ПОЧЕТНА  |  СКОПЈЕ, МОЈ, ТВОЈ, НАШ ГРАД   |  НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ ВО МАКЕДОНИЈА   |  ГАЛЕРИЈА

 
     
 

Пелистер

 
 


Поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели на планината Пелистер, еден нејзин дел со површина од 12 500 хектари во 1948 година е прогласен за национален парк и како прво заштитено природно добро во Македонија.
На просторот на паркот течат и поголем број реки. Тие имаат изразит планински карактер, богати се со вода и се одликуваат со релативно мало колебање на протокот во текот на годината. Забележливи се и нивните значителни падови и големата брзина на водата. Од високите планински била, кон околните котлини, се спуштаат 23 речни текови, чија вкупна должина изнесува 212 километри. Од нив, 17 се влеваат во Црна Река а 6 во Преспанско Езеро.



 

 

Тие не само што го дисецирале релјефот, туку создале и длабоки долини, кои се мошне атрактивни и предизвикуваат посебен туристички интерес. Најизразена хидрографска зона на просторот на паркот е пространата речна челенка која се наоѓа југоисточно од врвот Пелистер, во околината на Големото и Малото Езеро. Тука се создаваат реките Сапунџица и Црвена Река. Најдолг водотек на Пелистер, со должина од 46 километри, е реката Шемница. Нејзиниот извор се наоѓа на надморска висина од 2080 метри.

  


Од хидрографските објекти посебна природна привлечност имаат двете глацијални езера - Големото и Малото Езеро на Пелистер, познати како Горски Очи. Големото Езеро лежи на надморска висина од 2218 метри и е едно од највисоките глацијални езера  во Македонија. Зафаќа површина од 4,20 хектари и има неправилен облик. Долго е 223 метри, широко 162, со длабочина од 14,5 метри. Малото Езеро лежи на надморска висина од 2180 метри, во изворишната челенка на Црвена Река.

Тоа, од Големото Езеро е оддалечено околу 2 километри во северозападен правец. Во основа, има приближно кружен облик (79 х 68 м), со најголема длабочина од 2,6 метри. Езерото нема притоки ниту пак истека. Како и Големото Езеро и тоа со вода се храни од топењето на снегот и снежниците и од пролетните дождови. Двете езера водата ја губат со подземно истекување и со евапорација. Езерата се населени со по неколку претставници од 6 животински групи (Тубеллариа, Бивалвиа, Олигоцхеата, Хирудинеа, Цристацеа и Инсецта), од кои, најбројна е групата на инсекти, со над 25 видови.



Растителниот свет на Пелистер е разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува застапеност на 29% од вкупната дендрофлора во Македонија. Најголем дел од шумските површини на Пелистер се под бука - 2606 хектари, моликовите шуми заземаат површина од 1174 хектари, додека најмала површина отпаѓа на дабовите шуми - 487 хектари. Останатите се мешовити шуми, и тоа: моликово-елови, моликово-букови, моликово-буково-елови, буково-елови и буково-дабови шуми.Во вегетацијата на Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски (асоцијации и субасоцијации), а 13 се тревни заедници.

Од шумските дрвни видови на Пелистер, секако дека најголема вредност има моликата (Пинус пеуце), автохтон вид на петоигличест бор кој претставува еден од најзначајните и најинтересните биогеографски, еколошки и вегетациски феномени на Балканскиот  Полуостров.  Моликата прв ја открил германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах во 1839 година, токму на Пелистер.  

     

СУГС „Браќа Миладиновци“

 
       
   

 
 

copyright@

imor.org.mk