| |
Главен град на Р.Македонија е Скопје, со две илјадна годишна
традиција и богата историја, град на хуманоста и солидарноста, град
кој не потклекна на ниту една воена или природна катастрофа, туку
напротив секогаш како феникс се возобновуваше и растеше. Денес
Скопје е модерен европски економски и културен центар со над 600.000
жители. Неговата урбанизација бележи се поголем подем, што
овозможува да го добие епитетот на современ град, но сепак притоа
зачувувајќи ги своите традиционални белези од минатото.
Културно-историското наследство со векови зачувано и негувано, денес
е гордост за Скопје. Повеќето археолошки примероци и други реткости
од минатото се сместени во неколкуте музеи и претставуваат
непроценливо богатство на градот.
Историско – археолошкиот музеј во Скопје е основан во 1924год.
Оттогаш до денес се изградени повеќе такви ризници на нашето битие.
Еден од најголемите е Музејот на Македонија кој ги опфаќа Археолошкиот, Етнолошкиот и Историскиот Музеј. Во овој комплекс се наоѓаат
најголемиот дел од експонати и збирки уште од прастари времиња па се
до денес, како што се: орудија, оружје, домашни украси и ракотворби,
копии од фреско-живописите и иконите,документи, како и многу други
вредности кои и се презентираат на јавноста преку постојани изложби.
Од повеќето други вакви институции тука спаѓаат и Музејот на град
Скопје, Природно-научниот Музеј (кој е меѓу поретките од ваков вид
во Европа), Музејот на Современа уметност (олицетворение на
хуманоста и човековата солидарност) и Уметничката галерија. Во
самиот град и околу него постојат атрактивни историски споменици и
цркви како што се: Старата скопска чаршија, црквата “Св.Спас”
(средновековна градба), манастирот “Св Пантелејмон” во Нерези (12
век), Камениот мост (изграден во 15 век врз стари римски темели),
тврдината Кале (датира од 6 век). Овие места се најчестите туристички
атракции за секој посетител. Скопје исто така е домаќин на
многубројни културни манифестации: Мајски оперски вечери, Млад
отворен театар (МОТ), Скопско културно лето, Скопскиот
интернационален џез фестивал, Скопската галерија на
карикатури,Таксират...
|
|