| |
На корзо за кибицирање, во парк на љубење
Да бакнеш девојка зад зграда или пред зграда било вистинска
фантазија и сон на секое момче, затоа што додека се стигне до тоа,
поминувале месеци во следење на саканата, праќање абери по другари и
другарки, киснење. Порано во старо Скопје да ти дозволи девојката да
ја испратиш до дома, значело дека "си на коњ". Тоа значело дека
девојката е веќе твоја, а кога ќе стигнеш пред зграда или пред куќа,
"за бакнеж ако имало клупа добро, а ако не - на
sид".
Стари скопјани раскажуваат дека да ја бакнеш зад зграда или пред
зграда било вистинска фантазија и сон на секое момче. А додека
стигнеле до тоа, поминувале месеци во следење на саканата, праќање
абери по другари и другарки, киснење пред школата каде што учи и
додворување на сите можни начини.
Во златните години на Скопје, крајот на 50-тите и во 60-тите, имало
неколку места кои на прсти се броеле, и каде што се излегувало и
можело да се најде девојка. Тоа биле скопското корзо, скопските
кина, Градскиот парк, игранки и диско. Љубовта се случувала во
маалото, на улица, во кафеаните.
"Денес можеш многу лесно да водиш љубов. Тогаш не беше толку лесно,
затоа што слаткарниците ги заменуваа денешните кафулиња, а беа
малку. Се одеше во "Ванила", кај сегашно "А-ха", или во
"Шехерезада", спроти пивницата "Лондон", поранешна "Кооператива".
Контактот беше побавен, а и жаргонот меѓу момчињата и девојките беше
поспецифичен. Тогашните фраери и денешните не се исти. Се излегуваше
еднаш или два пати неделно, и никогаш немаше директен контакт ако
видиш дека некоја девојка ти се допаѓа, туку тоа долго време одеше
преку нејзини другарки или комшии", вели Данило Коцевски, хроничар
на Скопје, новинар и писател.
Кога ќе се забележела девојката на корзо или во диско, раскажува
Коцевски, се минувало низ пеколни маки додека да и се доближиш. Се
вртеле кругови и кругови по корзото само за да се види еднаш или,
евентуално, двапати во вечерта. Корзото почнувало кај ресторанот
"Метропол", па покрај "Пелистер" или сегашно "Далметфу", се одело до
сегашна стара железничка, и тоа во две насоки. Во едена колона се
одело кон железничка, а во друга од таму кон "Метропол", а додека
шетале си ги разменувале првите срамежливи погледи, кај скопјани
познати како кибицирање.
Главни sвезди
на корзото биле скопските фраери и девојките т.н."кралици на корзо".
Да си скопски фраер значело да возиш мотор или велосипед. Колите
биле луксуз и привилегија на малкумина, а ако некој имал, тоа било
или "фиќо" или "тополино".
"Фраерите носеа долги коси и тесни панталони - цевка. Ама не беше
лесно да се биде ваков фраер. Полицијата ги фаќаше среде корзо и
пред сите им ја стрижеше косата и им ги сечеше панталоните. Тоа беше
невиден срам. Освен срамот, следуваше и казна - превоспитување. Ги
праќаа на работа на браната 'Маврово' или во некој друг град на
физичка работа. Девојките на фраерите најмногу плачеа кога ќе ги
пратеа на превоспитување", раскажува еден стар скопјанец, кој на
времето имал другари фраери.
Обично пред "Метропол", според сеќавањата на стари скопјани, на
корзото стоеле постари момчиња и моми, кои ја надминале 30-тата. По
земјотресот корзото се сели пред слаткарниците "Ванила" и
"Шехерезада". Се случувало некои момчиња да шетаат среде зима на
корзото по куси ракави. Тогаш фраерот сакал да покаже дека "некому
од дома му купиле нов часовник". По цена и да се разболи. Ако, пак,
шеташ со чепкалка во уста, значело дека претходно си бил во кафеана
на вечера.
Првиот бакнеж во педесеттите, се присетуваат скопјани, најчесто се
случувал во мракот во кино. Обично момчињата плаќале се, но кога
оделе на кино се случувало, кога девојките ќе дојдат пред време, да
извадат карти за двајцата. Во кино се чекале и Нови години. Тогаш
обично се давале по три филма. Сите си носеле од дома грисини,
торти, кокошки, а се случувало среде филм да залетаат насекаде и
крилца од кокошките.
Она што е интересно, раскажуваат постарите, е киното во шеесеттите
за кое не се плаќало карта.
"На sидот
од зградата, до денешен 'Кенан' се даваа филмови кои се прожектираа
од Офицерски дом. Тоа кино го викавме 'кино без пари', а таму се
даваа партизански филмови или македонски. Карта не се плаќаше, и
сите си носевме столчиња од дома. Кој ќе си донесеше добро, а
другите стоеја. Одеа и млади и стари, и тука се случуваа и првите
љубови. Наместо да го гледаш филмот, гледаш кој има околу тебе",
вели една скопјанка од Маџир маало.
Љубовџиите биле храбри, но, сепак, најмногу се плашеле од браќата на
девојките. Се велело дека ако те види татко и, ќе поминеш некако,
ама ако те види некој од браќата, си го обрал бостанот. Тоа било за
оние што оделе на корзо и по игранки. Оние што подлабоко ќе
завлезеле во љубовта, корзото, игранките и дискотеките повеќе не
постоеле. За таквите најубаво место бил т.н. трет дел од паркот.
"Таму, според раскажувањата, се случувале првите поинтимни искуства
меѓу љубовџиите. Во првиот и вториот дел од паркот одеа речиси сите,
ама штом ќе отидеа во третиот дел се знаеше зошто одат натаму.
Посебно за женските не беше баш пожелно да се знае дека отишле со
некого, зошто следниот ден знаеше цело корзо. Не се покажуваа со
прст, ама сите зборуваа", раскажува Коцевски.
Летно време, место за љубов и забава биле плажите на Вардар. И како
што раскажуваат, момчињата редовно правеле глупости за да се покажат
пред женските, но и женските не останувале покуси. Се случувало за
да се покаже дека е голем пливач, фраерот да проба да го преплива
Вардар. Тогаш се случувало често реката да има големи водовртежи и
да биде надојдена, па редовно ги спасувале од давење оние кои се
правеле "чатал".
"Избегавме од дома за да ги бараме девојките на Градска плажа, ама
ги немаше, па решивме ние да си се избањаме. Завршивме, и на
излегување од водата, еден од другарите ги соблече гаќите за капење
да ги истиска, за да не забележат дома дека бил на плажа. Баш во тој
момент се случи да помине девојката што му се допаѓаше и го виде
гол. Таа се усрами и избега, а тој почна да плаче од што му беше
криво зошто го виде во такво издание", вели еден скопјанец, кој
сакаше да остане анонимен за да не му се налути другар му.
Џентлментсвото во Скопје, раскажуваат упатените, започнува уште во
времето на кралска Југославија. Се вели дека вистинска револуција во
Скопје било отворањето на првата цвеќарница во Скопје во 1936
година, кај денешно кино "Вардар". Тогаш момчињата почнале да им
подаруваат цвеќиња на девојките, а се навикнале и да носат шешири.
Љубовните состаноци во тоа време се закажувале пред "Бристол", а она
на што многумина се сеќаваат е како девојките бегале од дома само за
еден бакнеж со саканиот. За да не ги забележат нивните родители,
тие, на една минута претрчувале по налани. Звукот на наланите
момчињата го слушале од далеку, и едвај чекале да видат дали тоа е
нивната девојка.
Тоа време, освен што се раскажувало за големите љубовни приказни, ќе
остане запаметено и по трагичните. Во еден од записите за Скопје,
според раскажувањата на старите, се вели дека најголемата, а
најтрагична приказна е кога едно познато скопско момче се заљубува
во една девојка "кралица на корзото". Тој една вечер, додека и се
додворува во една скопска кафеана, за да се направи фраер, вади нож
и го забива во маса. Бидејќи масата била порозна, ножот завршува во
нејзината нога. Неа ја носат во болница, а ногата и ја ампутираат.
По земјотресот главно место на младите вљубени парови станува кејот.
Односно, кејот кој почнувал од кај денешен "Холидеј ин", па се до
Народна банка, кој скопјани го викале "џафте корзо". Последните
опашки на корзото се некаде почетокот на 70-тите години. Тогаш се
случуваат драстични промени, како во излегувањето така и во
однесувањето на младите. Се појавуваат диското и хип-хоп движењето
кое пропагирале сексуална слобода. Се уште биле актуелни и кината,
претежно "Братство", "Младина", "Напредок", "Балкан", "Вардар"... Во
"Напредок" претходно се давале благо еротски филмови, но со новиот
начин на пропагирањето на сексуална слобода во светот, почнуваат
многу често да се прожектираат порно филмови.
|
|